Почеток на изборната кампања
Официјалниот период на кампањата започнува 20 дена пред изборите и завршува 24 часа пред денот на изборите. Во текот на оваа фаза, медиумската покриеност значително влијае врз јавното мислење. Новинарите и уредниците мора да применуваат највисоки стандарди за правичност, професионализам и законска усогласеност. Овој дел нуди практични совети за одржување на уредничката рамнотежа и кредибилитет.
Сите потврдени учесници во изборите треба да бидат соодветно опфатени при известувањето. Медиумите треба да обезбедат урамнотежена и инклузивна покриеност на сите регистрирани партии, коалиции и независни кандидати, без оглед на нивниот удел во политиката, популарност или финансиски ресурси. Иако еднаквоста не значи идентично време во етерот, таа изискува пропорционална застапеност и соодветно уредување на содржините. Ова вклучува правичен пристап кон интервјуа, дебати и сеопфатна покриеност. Обрнете особено внимание на новите учесници или на учесниците со помало влијание кои можеби се трудат да бидат забележани и покрај тоа што ги исполнуваат критериумите за кандидатура.
Применувајте конзистентни уредувачки стандарди за сите кандидати. Проверете ги фактите од предизборните ветувања, внимателно проучете ги изјавите и обезбедете контекст еднакво, без разлика дали е кандидатот од владејачката партија, од опозицијата или од независна страна. Избегнувајте двојни стандарди кога известувате за политички ставови, лични полемики или јавни настапи. Непристрасноста во тонот, визуелното прикажување и начинот на кој се претставува сторијата, се од суштинско значење за да се избегне ненамерна пристрасност.
Политичките соопштенија за медиумите, изјавите на социјалните медиуми и најавите за митинзи не смее да се објавуваат без проверка или додадена уредничка вредност. Новинарите треба да ги разгледаат политичките пораки и да ги стават во соодветен контекст, особено оние што содржат обвинувања, емоционални апели или неосновани тврдења. Медиумите треба да служат како филтер, а не како мегафон, за пропагандата на кампањата.
Уверете се дека секое платено политичко рекламирање е јасно означено, визуелно различно и никогаш не е интегрирано во формати на вести или мислења. Според Изборниот законик, таквата содржина мора да е јасно означена со името на нарачателот и не смее да се појавува за време на вести, програми за деца или при емитување културни, спортски или верски настани во живо. Означувањето треба да биде транспарентно за публиката да не се доведе во заблуда.
При изборот на кандидати кои треба да ги поканите на интервјуа, дебати или телевизиски соочувања, јасно дефинирајте ги и јавно откријте ги критериумите за уредување, без разлика дали се засновани врз претставување на партијата, јавен интерес или релевантност на прашањето. Дајте образложение доколку одредени кандидати не се вклучени, особено кога ресурсите го ограничуваат учеството. Ова гради доверба и ги намалува обвинувањата за пристрасност.
При модерирање дебати или водење интервјуа со кандидати:
- Подгответе стандардизирани прашања кои се фокусираат врз политиките за да обезбедите правичност.
- Одвојте еднакво време за говорење и поставете еднаков број дополнителни прашања за секој учесник.
- Доследно и со почит оспорете ги погрешните или двосмислените одговори.
- Бидете внимателни кога станува збор за родовата динамика и избегнувајте прекинувања или заштитнички изрази кои може да укажуваат на пристрасност.
- Јасно дефинирајте ги и јавно споделете ги критериумите за избор на дебати или покани за гостувања пред настанот.
- Воспоставете основни правила во врска со временските ограничувања, редоследот на излагање и однесувањето со почит за да се спречи доминација или неправична предност.
Проактивно повикувајте ги гласовите на жените, на младите, на етничките малцинства, на лицата со попреченост, на ЛГБТИ-лицата и на гласачите од руралните средини или на гласачите со ниски приходи. Покриеноста на кампањата треба да ја одразува различноста на електоратот, а не само на политичката елита. Изберете ги гостите во студиото и панел-дискусиите така што ќе бидат еднакво застапени различни гости, од родов аспект или според нивните идеолошки ставови. Уверете се дека за време на целиот пренос се внимава на начинот на изразување и на етничката застапеност.
Во согласност со член 75 од Изборниот законик, јавните службеници не смеат да добиваат привилегирана покриеност за извршување на службените должности за време на кампањата. Бидете особено внимателни кога станува збор за јавни настани или за владини соопштенија кои можат да имаат двојна намена како промоција на кампањата. Новинарите треба јасно да направат разлика помеѓу вестите од институциите и пораките на кампањата и да побараат одговорност од службените лица за користење то јавни платформи за придобивки на изборите.
Дигиталното опкружување може да придонесе за почеста појава на политички дезинформации, говор на омраза и пристрасност која произлегува од работата на алгоритмите. Медиумите треба да ги следат трендовите и наративите на социјалните медиуми, да ги проверуваат виралните содржини пред да известуваат и да избегнуваат примена на манипулативни изрази или визуелни елементи. Користете алатки за дигитална проверка кога е можно тоа и избегнувајте репродукција на погрешни тврдења, дури и кога тие потекнуваат од учесници во политичкиот процес.