Отпочнување на изборниот период
Темелно запознајте се со законските и етичките рамки со кои се регулира однесувањето на медиумите за време на избори. Ова подразбира познавање на институционалните надлежности, новинарските одговорности и професионалните стандарди кои обезбедуваат правично и непристрасно известување.
Воспоставете основни воведни рутини во редакцијата за да се подготвите за известување за изборите. Ова опфаќа преглед на изминатите практики, доделување клучни одговорности на припадниците на тимот, изработка на интерен водич за уредување и уверување дека персоналот ги разбира претстојните законски и етички барања од периодот на кампањата.
Обезбедете практична обука за вработените во редакциите фокусирана врз избегнување пристрасност, разликување на фактите од мислењата и одговорно опфаќање сензитивни теми како што се говорот на омраза и политичкиот притисок. Овие сесии можат да бидат кратки и неформални, како што се состанок на персоналот или брифинг за уредување на содржините, но треба да ги поткрепат конзистентните етички стандарди, особено во однос на тоа како да се формулираат контроверзните прашања, како да се одговори на притисокот од учесниците во политичкиот процес и како да се заштити кредибилитетот на медиумот за време на интензивни периоди од кампањата.
Составете опсежен и инклузивен список на извори и институции кои можат да послужат како дополнителен извор кој ќе го збогати вашето известување за изборите, како што се граѓански организации, набљудувачи на изборите, регулаторни тела, креатори на јавното мислење и лица од локалното опкружување кои ја имаат довербата од јавноста. Погрижете се проактивно да ги вклучите гласовите од недоволно застапените заедници, вклучувајќи ги жените, етничките малцинства и лицата со попреченост. Ова придонесува да се обезбеди плурализам во содржините, но и да се изгради доверба кај публика со поголем опфат.
Одржувајте редовна комуникација со Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) за време на предизборниот период. Овие организации можат да послужат како значајни ресурси за насоки при решавање на етичките дилеми и при сузбивање на притисокот од политичките или деловните интереси. Се препорачува новинарите и уредниците да ги разгледаат материјалите, препораките и советодавните мислења издадени од Советот за етика во медиумите на Македонија и од Здружението на новинари на Македонија. Воедно, редакциите се охрабруваат да соработуваат преку процесот на медијација на СЕММ кога е поднесена претставка во врска со нивното известување. Активното учество во ваквите процедури ја зајакнува транспарентноста и може да доведе до конструктивни резултати што ја зголемуваат довербата на јавноста. Учеството во нивните обуки, тркалезни маси или заложби за медијација исто така може да ја зајакне културата на етичка одговорност.
Навремено следете ја кампањата, како и јавните појавувања на политичарите, особено во периодот пред официјалниот почеток на кампањата. Ова вклучува инаугурации, јавни изјави на владини настани или институционално рекламирање во кое се појавуваат личности од политиката. Иако ваквите активности може да спаѓаат во доменот на службени должности, тие често се проследени со политички импликации и можат да создадат нејаснотии во однос на комуникацијата на државно ниво и промоцијата на кампањата. Новинарите треба да бидат внимателни при идентификување на овие настани и соодветното ставање во контекст, јасно информирајќи ја публиката кога појавувањата би можеле да се сметаат за предвремено започнување на кампањата.
Кога се следи спроведувањето на кампањата уште од самиот почеток, новинарите треба да ги земат предвид следниве прашања за да проценат дали некој настан или комуникација се совпаѓа со промовирањето на кампањата:
- Дали настанот се финансира со јавни средства или се одржува во државни простории?
- Дали официјалните симболи, владините постигнувања или националните проекти се презентирани така што се истакнува одреден учесник во политичкиот процес?
- Дали прекумерно се нагласува личната улога на функционерот, наместо на институционалните функции?
- Дали се користат партиски бои, слогани или промотивни визуелни елементи, дури и суптилно?
- Дали настанот е временски прилично блиску до распишувањето на изборите, што укажува на стратешка видливост?
- Дали содржините се навистина информативни и неопходни за јавен интерес или го претставуваат функционерот во позитивно светло пред кампањата?
- Дали на другите кандидати или засегнати страни им е дадена еднаква можност да коментираат или да учествуваат?
Новинарите треба внимателно да ги документираат овие елементи и јасно да ѝ ги прикажат на публиката за да помогнат во идентификувањето потенцијални практики за водење кампања во раните фази и да ја одржат транспарентноста.
Навремено и јасно едуцирајте ја јавноста за тоа како функционира изборниот процес, какви права имаат гласачите и кои се институционалните улоги на клучните тела, како што се Државната изборна комисија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Државната комисија за спречување на корупција. Многу граѓани можеби не се целосно свесни за временската рамка на изборите, како да потврдат дали се регистрирани или какви се процедурите за поднесување претставки. Новинарите можат да имаат суштинска улога во обезбедувањето услуги за јавноста со поедноставување на овие информации, со користење разбирливи изрази и појаснување за правилата, но и со нагласување на нивната важност. Користете мултимедијални формати, социјални медиуми и вклучете ја заедницата за да ангажирате аудиториум на различна возраст, групи кои говорат различни јазици и потекнуваат од различни образовни средини.
Дефинирајте ги внатрешните граници што ќе послужат како насока при одлучување во редакцијата во текот на целата кампања. Ова вклучува постапки за да се направи разлика помеѓу уредувачките содржини од рекламирањето, управување со ризиците од судир на интереси и разјаснување на начинот на којшто се одредува вклучувањето во дебати и рубрики.