Занимливи содржини за публиката


Овој дел се темели врз начелата наведени во Делот 2.4 за Инклузија и застапеност, преточувајќи ги во практични стратегии за содржина за изборниот период. За вклученост на публиката е потребно повеќе од видливост, што подразбира одразување на различноста на општеството преку достапни формати, инклузивни изрази и промислени уреднички избори на сите платформи.

Во насока на постигнување значајно учество, медиумите треба да ги приспособат изборните содржини така што ќе одговорат на потребите од информации на различните сегменти од населението. Ова вклучува креирање содржини на јазиците на малцинствата, примена на толкувањето на знаковен јазик или титлување онаму каде што тоа е можно и достапност на онлајн-платформите за лицата со попреченост. Еднакво важни се тонот и рамката на сториите. Имено, при известувањето, треба да се избегнува елитистички жаргон и, наместо тоа, да се користат изрази кои ги одразуваат секојдневните искуства, особено за гласачите од руралните средини, младите луѓе и маргинализираните заедници кои може да се чувствуваат исклучени од формалниот политички дискурс.

Совет 36
Дајте им приоритет на стории што содржат појаснувања, а не се наменети единствено за цели на известување

Опфатете многу повеќе информации, а не само секојдневни настани од кампањата. Користете материјали за појаснување, прашања и одговори и визуелни формати за да разјасните како функционира изборниот систем, кои се праговите за гласање, како се распределуваат пратеничките места и каква е улогата на секоја поединечна институција. Граѓаните, особено оние кои гласаат за првпат или маргинализираните групи, имаат корист од информативни содржини кои го разјаснуваат процесот и поттикнуваат учество.

Совет 37
Истакнете ја човечноста во политичките стории

Претставете ја политиката од перспектива на граѓаните. Објавете стории од реалниот живот за тоа како резултатите од изборите влијаат врз секојдневниот живот, вработувањето, образованието, здравството и локалниот развој. Прикажете како конкретните предлози од учесниците во политичкиот процес влијаат врз обичните луѓе, а не само врз елитните наративи. Ова придонесува подобро да се разберат изборите и го намалува цинизмот кон политиката.

Совет 38
Создадете инклузивни, партиципативни формати

Користете анкети, прашања и одговори на социјалните медиуми и отворени повици за поставување прашања за активно учество на јавноста во обликувањето на вашето известување. Повикајте ги граѓаните да ги изнесат своите загрижености и приоритети и овозможете им на недоволно застапените гласови да бидат слушнати. Учеството на публиката во одлуките за уредување на содржините ги зголемува довербата и релевантноста.

Совет 39
Користете мултимедијални и достапни изрази

Различните формати достигнуваат до различни публики. Користете графички прикази на информации, видеа, аудио појаснувања и кратки објави на платформи како што се Фејсбук и Инстаграм, за да го проширите вашиот опфат, особено меѓу помладите гласачи. Користете титлови, толкување на знаковен јазик и на јазиците на малцинствата секогаш кога е можно тоа. Јасниот и едноставен јазик треба да биде правило, а не исклучок, во известувањето за изборите.

Размислете за експериментирање со дополнителни креативни и визуелни формати за поефикасно учество на публиката:

  • Интерактивни хронолошки прикази на клучни настани од кампањата и посети на кандидатите.
  • Графички прикази на информации каде што паралелно еднододруго се споредуваат партиски платформи, главни ветувања или политички позиции.
  • Визуелни прикази „Мит наспроти факт“ како помагало во борбата против вообичаените дезинформации или недоразбирања во врска со изборите.
  • Прашања поставени од публиката кои се прикажани во сесии со прашања и одговори во живо на социјалните медиуми, кратки објаснувања во форма на видео или аудио стории.
  • Мапи на кои се истакнати прашањата во врска со регионалните избори, местата со најголема поддршка за кандидатите или прашањата што ја загрижуваат заедницата.
  • Кратки документарци или стории преку слики кои го прикажуваат влијанието на политичките одлуки врз секојдневниот живот, особено во маргинализираните заедници.
Совет 40
Следете го учеството на публиката и одговорете соодветно

Следете кои стории од изборите привлекуваат најмногу внимание или прашања и користете ги овие повратни информации за да ја приспособите вашата содржина. Доколку се зголеми интензитетот на дезинформациите или недоразбирањата на интернет, одговорете со потврдени факти и контекст. Размислете за објавување на дополнителни објаснувања, исправки или објави во насока на сузбивање на митови за да разјасните сложени или спорни теми.

Совет 41
Претставете политичка разновидност и граѓанската дебата

Погрижете се за еднаква застапеност на гостите за време на панел-дискусиите во студио и на интервјуата во однос на полот, етничката припадност, политичката припадност и генерацијата. Избегнувајте постојано гостување само на партиски лидери или познати коментатори. Вклучете граѓани, експерти, наставници, студенти, земјоделци, работници и гласачи од различни сфери на животот. Ова ја отсликува сложеноста на општеството и го прави политичкиот дискурс побогат и поткрепен со најразлични гледишта и искуства.

Совет 42
Нагласете го интегритетот на медиумите

Бидете транспарентни во врска со тоа како се донесуваат вашите одлуки за известување. Публиката треба да знае како ги избирате темите, како ги потврдувате тврдењата и како управувате со политичкото рекламирање. Јасното означување на спонзорирани содржини и нивното разликување од уредничкиот материјал ја поттикнува довербата. Објавете ги вашите уреднички стандарди јавно, на вашиот веб-сајт или во програмата, за да покажете посветеност на правичноста и професионализамот.

Совет 43
Изградете доверба пред и по изборите

Избегнувајте ја стапицата на испраќање новинари кои немаат познавања или на непознати места за поинтензивно известување само за време на изборите. Искористете го изборниот период како можност за градење долгорочни односи со публиката покажувајќи доследност, отвореност за повратни информации и почитување на различните ставови. Довербата е најмоќниот капитал што секој медиум може да го заработи и во него мора да се инвестира со секоја содржина.