Општи професионални стандарди за известување за избори


Овој дел содржи етички и професионални насоки за новинарите и за уредниците кои известуваат за изборите. Тука се истакнати начелата за одговорно известување кои, покрај тоа што се правно усогласени, имаат и суштинско значење за јавната доверба, за интегритетот на медиумите и за правичното демократско учество.

Точност и проверка

Точноста е основата на веродостојното новинарство. Информациите кои се објавуваат за време на изборите мора да се темелат врз факти кои се потврдени и наведени во соодветен контекст. Грешките можат да ги доведат гласачите во заблуда, неправедно да наштетат на нечиј углед или да го нарушат изборниот процес.

Новинарите и уредниците треба:

  • Да ги проверат сите информации пред нивното објавување или емитување, особено изјавите од изборните кандидати, политичките партии, владините институции и претставниците на кампањата. Ова вклучува двојно проверување на фактите, бројките и временските рамки со веродостојни и независни извори.
  • Интензивно да ја следат појавата на влијателни содржини кои поттикнуваат одредени емоции или може да предизвикаат поларизација. Тврдењата што можат да предизвикаат негодување кај јавноста или да влијаат врз одлуките на гласачите не треба да се објавуваат без ригорозна проверка на фактите.
  • Да избегнуваат шпекулации, претпоставки и непроверени извештаи, особено во тензични моменти како што се дебати, митинзи и инциденти на денот на изборите. Притисокот за брзо известување никогаш не смее да ја засени обврската за точност.
  • Јасно да разграничуваат проверени факти и мислење или коментар. При објавување анализа или коментар, медиумите мора соодветно да ги означат овие сегменти и да се уверат дека нема субјективно толкување при фактичкото известување.
  • Транспарентно да ги идентификуваат изворите, секогаш кога е можно тоа, како и да ја оценат нивната веродостојност. Треба да се користат анонимни извори само кога е тоа неопходно и тие треба да бидат независно потврдени.
  • Брзо и видливо да ги исправат фактичките грешки, вклучително и онлајн-содржините. Транспарентната и одговорна политика за исправки го одразува уредувачкиот интегритет и ја зајакнува довербата на публиката. 

Уредувачка независност и интегритет

Уредувачката независност е камен-темелник на професионалното новинарство. За време на изборите, притисокот врз новинарите и медиумите да се усогласат со политичките или со комерцијалните интереси може да биде интензивен. Почитувањето на уредувачката автономија го штити правото на јавноста на непристрасни информации и ја зајакнува довербата во медиумите.

Новинарите и уредниците мора да се уверат дека ниту еден надворешен чинител, без разлика дали станува збор за политичка партија, огласувач, сопственик на медиум или владина установа, нема да влијае врз нивните уредувачки одлуки или врз содржината на вестите.

Новинарите и уредниците треба:

  • Да ја разграничат работата на уредувачките редакции и секторите одговорни за рекламирање, особено за време на кампањата.
  • Да се спротивстават на каков било политички притисок, вклучувајќи ги и индиректни индиректните форми како што се привилегиран пристап, покани или подароци што би можеле да влијаат врз покриеноста.
  • Јасно да откријат судир на интереси, вклучувајќи лични или финансиски врски со кандидати или со политички партии.
  • Да воспостават насоки за уредување и внатрешни процедури кои ја поддржуваат независноста и ги штитат новинарите од вмешаност.
  • Да избегнуваат самоцензура поттикната од страв од политички или економски последици.
  • Да работат колективно во редакциите за да ја зајакнат уредувачката солидарност, особено кога се обработуваат контроверзни теми.

Непристрасност и правичност

Непристрасноста и правичноста гарантираат дека правично ќе се постапува правично со сите учесници во изборите, медиумската покриеност нема да подлежи на политичка пристрасност, а гласачите ќе имаат целосна и урамнотежена претстава за политичкото опкружување.

За разлика од математичката еднаквост, која би налагала идентично време во етерот или простор во колумните, правичноста подразбира обезбедување пристап и покриеност пропорционално на политичката релевантност, притоа уверувајќи дека ниеден кандидат или партија не се привилегирани или обесправени преку селективно прикажување, тон или акцент.

Во периоди на зголемена политичка свест, дури и суптилните неусогласености, како што се неоспорени тврдења, пренагласено врамување или непропорционален фокус, можат неправично да ја обликуваат перцепцијата на јавноста. Затоа, новинарите мора да применуваат конзистентни уредувачки стандарди кон сите изборни субјекти.

Во насока на непристрасна и правична покриеност, медиумите треба:

  • Да им обезбедат на сите потврдени учесници на изборите разумна можност да ги изнесат своите ставови, да одговорат на критики и да учествуваат во дебати или интервјуа, без оглед на нивната политичка моќ, популарност или припадност.
  • Да применуваат еднакви новинарски стандарди за сите партии и кандидати, на пример, преку внимателно разгледување на платформите во рамки на кампањата, преку проверка на фактите и соодветен контекст на тврдењата.
  • Да избегнуваат привилегиран третман во уредувачкиот тон, визуелното прикажување или пласирањето на информациите. На пример:
    • Да не користат поповолно осветлување, врамување или уредување за одредени кандидати во радиодифузните медиуми;
    • Да избегнуваат наведувачки наслови кои возвишуваат еден учесник во политичкиот процес, а ги обезвреднуваат другите;
    • Да се уверат дека еднакво се истакнуваат еквивалентни настани или објави кои се доволно интересни да бидат пренесени во медиумите.
  • Да ги откријат критериумите за уредување кои се применуваат за одредување на времето во етер, поканите за интервјуа или учеството во дебати, особено кога станува збор за одлуки за вклучување во главната програма.
  • Да бидат особено внимателни со преносите во живо, каде што може да дојде до појава на ненамерна нерамнотежа поради различните формати на настаните, големината на публиката или реторичките вештини. Во такви случаи, контекстуалното врамување пред или по сегментот е од суштинско значење за одржување на правичноста.

Правичноста не значи дека сите учесници во политичкиот процес постојано треба да имаат можност за еднаква изложеност, туку подразбира уверување дека одлуките за покриеност се темелат врз релевантност, конзистентност и етичко размислување, а не врз уредувачка пристрасност или надворешно влијание.

Инклузија и застапеност 

Инклузивното известување е гаранција дека изборите ги одразуваат гласовите, искуствата и приоритетите на сите припадници на општеството, а не само на доминантните учесници во политичкиот процес или на мнозинските групи. Новинарите имаат одговорност да известуваат за изборите бидејќи тие влијаат врз сите, вклучително и врз оние кои честопати се маргинализирани или исклучени од јавниот дискурс.

Недоволно застапените групи може да вклучуваат жени, млади, лица со попреченост, етнички малцинства, рурално население, ЛГБТИ лица и лица во неповолна социоекономска положба. Иако овие групи се директно засегнати од политичките одлуки, тие често се невидливи во медиумските наративи, особено за време на изборните кампањи. Покрај тоа, кога се споменуваат, тие многупати се истакнуваат преку патерналистички или површни наративи, како пасивни приматели на помош или симболични фигури, а не како двигатели на промени.

Додека известуваат за изборите, медиумите се сосредоточени на инклузијата, со што помагаат да се прошири демократското учество и да дојдат до израз групите кои често се изоставени од предизборните ветувања и од донесувањето одлуки. Ова ја зајакнува демократијата не само поради тоа што се одразуваат различностите, туку и бидејќи се бара одговорност од оние кои тврдат дека ја застапуваат демократијата.

За да промовираат инклузија, новинарите и уредниците треба:

  • Да побараат најразлични извори и гости, а не само политички елити. Ова ги вклучува обичните граѓани, претставниците на граѓанското општество и експертите од недоволно застапените заедници.
  • Да идентификуваат стории кои ги истакнуваат специфичните загрижености на маргинализираните групи, како што се пристапот до услуги, бариерите за учество или дискриминацијата при спроведување на кампањата и да се отстапи значаен простор во известувањето за изборите.
  • Да избегнуваат површен пристап со којшто претставникот е вклучен само за да се пополни квотата за различност. Наместо тоа, треба да се уверат дека нивната перспектива е суштински интегрирана и почитувана.
  • Да користат учтиви и точни изрази и визуелни елементи кога се осврнуваат на идентитетот, етничката припадност, полот, попреченоста или религијата. Да избегнуваат етикетирање или стереотипи кои го намалуваат кредибилитетот или достоинството на субјектот.
  • Да постават прашања на платформите на партиите и да побараат изјави од кандидатите во врска со инклузијата: Дали тие преземаат активности за родова еднаквост, учество на младите или права на малцинствата? Дали ветувањата се поткрепени со мерливи планови?
  • Да ја оспорат реториката или изразите со преносно значење преку кои одредени групи се занемаруваат и се претставуваат како закани, оптоварувања или аутсајдери.

Воедно, инклузијата подразбира и достапност на медиумските формати за сите. Каде што е изводливо, ова вклучува:

  • Титлување, знаковен јазик или лесно разбирлив јазик во емитувањата;
  • Објавување стории на повеќе јазици, особено таму каде што се зборуваат јазиците на малцинствата;
  • Функции за пристапност на дигитални платформи, како што е компатибилност со читач на екран.

На крајот, редакциите треба внатрешно да размислуваат за донесувањето одлуки од страна на нивните уредници. Дали гласовите од маргинализираните заедници се земаат предвид како активни учесници или само како субјекти во заднината? Дали дискусиите за инклузија се обликуваат по пат на соработка, со согледувања од професионалци во областа на медиумите кои ја разбираат реалната состојба во секојдневниот живот на недоволно застапените популации?

Транспарентност и отчетност

Транспарентноста и отчетноста се од суштинско значење за стекнување и за одржување на јавната доверба. Публиката има право да разбере како се донесуваат одлуките на уредниците, кои се изворите на содржината и како се решаваат грешките. Оттаму, новинарите и медиумите мора отворено да пристапуваат кон работата, да овозможат следење на нивните активности и притоа да одговорат на потребите на публиката.

За време на избори, во услови на значителни политички тензии и широка распространетост на дезинформации, транспарентниот пристап кон известувањето е особено важен. Ваквиот пристап помага да се направи разлика меѓу веродостојните медиуми и партиските или манипулативните медиуми и ја зајакнува улогата на новинарството како јавен сервис.

Во насока на промовирање транспарентност и отчетност, новинарите и медиумите треба:

  • Јасно да ги разграничат уредувачките и платените содржини, вклучително и спонзорираните интервјуа или материјали за кампања. Платените политички содржини мора да бидат соодветно означени и претставени во формат што спречува забуна со независното новинарство.
  • Да ги откријат изворите на финансирање и политиките за уредување, особено ако постојат врски со политички партии, донатори на кампањи или други чинители во изборниот процес.
  • Да ги објаснат одлуките на уредниците во однос на изборот на стории, времето на емитување или давањето приоритет, особено кога публиката може да забележи пристрасност или исклученост. На пример, медиумите можат да објавуваат изјави за критериумите што се користат за избор на учесници во дебата или за распределба на покриеноста.
  • Да воспостават видливи политики за корекција и веднаш да дејствуваат соодветно на таквите политики. При појава на грешка, особено грешка што може да влијае врз јавното мислење за време на кампањата, таа треба транспарентно да се признае и навремено и видливо да се коригира.
  • Да обезбедат информации за контакт или механизми за поплаки за читателите, гледачите или слушателите кои сметаат дека се недоволно застапени или оштетени за време на известувањето. Ова не е само јавна служба, туку и повратна јамка што придонесува за подобрување на новинарските стандарди.
  • Да избегнуваат скриени влијанија така што јасно ќе ги идентификуваат изворите и интересите во заднина на информациите или коментарите. Уредувачката независност е потисната кога припадниците на публиката не можат да направат разлика помеѓу неутрално известување и скриено застапување.

Транспарентноста се применува и интерно. Уредниците треба:

  • Да промовираат етичко размислување во редакциите, така што ќе се дискутира за сериозни и тешки одлуки и ќе се обезбедат конзистентни стандарди кај персоналот;
  • Да ги поддржат новинарите кои изразуваат загриженост за потенцијални прекршоци или неправични практики;
  • Да учествуваат во саморегулаторните тела и да ги спроведуваат нивните препораки, особено во контекст на избори.

Овие професионални стандарди се применуваат во сите видови медиуми, јавни радиодифузни куќи, комерцијални медиуми, печатени и онлајн-портали, при што секој од нив има клучна улога во овозможувањето транспарентни и инклузивни избори. Иако законските обврски може да се разликуваат, сите сносат етичка одговорност за точно и непристрасно информирање на јавноста со задржување на интегритетот.