Прирачник за известување за изборите

Зошто е изготвен овој Прирачник?

Изборите претставуваат своевиден тест не само за демократските институции, туку и за интегритетот, одговорноста и отпорноста на медиумите. Во моменти на жестока политичка конкуренција, кога емоциите се особено изразени, а јавната доверба е кревка, новинарите имаат моќ да побудат поларизација или да поттикнат информирано учество. Овој Прирачник е изработен како практичен и професионален водич кој ќе им овозможи на новинарите и на уредниците во Северна Македонија да го поддржат правичното, урамнотежено и етичко известување за време на изборните процеси, а тоа е клучна задача за одржување на демократските вредности.

Потребата за овој Прирачник произлегува од искуството и од промените. Во последниве години, во Северна Македонија може да се забележи зголемен јавен надзор врз работењето на медиумите за време на избори, проследен со важни законски реформи кои го обликуваат регулирањето на медиумската покриеност, политичкото рекламирање и одговорностите на чинителите во традиционалните и во дигиталните медиуми. Воедно, новинарите се изложени на интензивен притисок додека се справуваат со ширење на дезинформации, влијание од уредниците, со политичката реторика и сè посложените очекувања на публиката. Во таквото опкружување нужни се јасни и сигурни насоки како спој од правна прецизност, етичка јасност и практична применливост.

Овој Прирачник се заснова врз македонската законска и етичка рамка, вклучувајќи ги Изборниот законик, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Законот за медиуми, како и подзаконските акти кои произлегуваат од овие правни акти. Прирачникот се темели врз информации од клучни професионални стандарди како што се Кодексот на новинари на Македонија, Насоките за етичко известување на онлајн-медиумите и Кодексот за однесување во онлајн-просторот за време на изборните процеси и референдуми. Истовремено, како извор се користат и опсежните заложби за промовирање  медиумска одговорност и самостојно регулирање, кои произлегуваат од соработката со граѓанското општество, регулаторите и меѓународните партнери. Вклучени се и поучни искуства од регионалната и од меѓународната практика, вклучувајќи ги ОБСЕ, Меѓународната федерација на новинари и УНЕСКО, а со цел да се одразат локалните контексти и глобалните стандарди.

Наменет е првенствено за новинари и уредници кои работат во телевизија, радио, печатени медиуми, онлајн или хибридни платформи, без разлика дали станува збор за јавни служби или за комерцијални медиуми. Но, може да биде корисен и за раководители на медиуми, надгледувачи на граѓанското општество, едукатори за новинарство и за сите оние кои се залагаат за обезбедување на транспарентна и одговорна покриеност на изборите.

Прирачникот не содржи апстрактни препораки, туку го следи текот на изборниот циклус, при што обезбедува совети за соодветната фаза, списоци за проверка, примери и согледувања од локалното и од меѓународното искуство. Од планирање на покриеноста на почетокот на кампањата, до постапување во текот на политичкото рекламирање и периодите на молк, па сè до креирање на занимливи и инклузивни содржини, целта е да ѝ се даде поддршка на медиумската заедница со практични алатки и етичко размислување.

Во време на демократска транзиција, одговорното новинарство не е само професија, туку и јавен сервис. Намената на овој Прирачник е да ја поткрепи ваквата дејност така што ќе им помогне на новинарите да ја остварат својата улога со јасност, доверба и интегритет.

Методолошки и суштински, Прирачникот се заснова врз „Прирачникот за известување за избори“, објавен од Медиацентар Сараево во 2024 година, кој е резултат на долгогодишно истражување и многубројни консултации со професионалци од областа на медиумите во Босна и Херцеговина. Препознавајќи ги специфичностите на медиумскиот и на политичкиот контекст во Северна Македонија, оваа публикација го приспособува и го проширува тој модел за справување со локалните предизвици, а истовремено ги потврдува заедничките регионални стандарди за новинарство во интерес на јавноста. Преку усогласување на локалната фактичка состојба со регионалните стандарди, Прирачникот придонесува за заштита на интегритетот на медиумите и зајакнување на јавната доверба за време на изборите.

Краток преглед на изборите во Северна Македонија

Изборниот законик служи како основен правен документ што го регулира спроведувањето  избори и референдуми. Тој е дополнет со Законот за медиуми, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и со подзаконскит акти и насоки кои ги усвоиле регулаторните институции.

Државната изборна комисија (ДИК) е главниот орган за организирање и за надгледување на изборите. Таа управува со Единствениот избирачки список, ги обработува регистрациите на кандидатите, го следи финансирањето на кампањите и го надгледува правилното работење на изборните тела, како што се општинските изборни комисии и избирачките одбори.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ, од македонскиот акроним) ги следи радиодифузерите и обезбедува правична, урамнотежена и транспарентна медиумска покриеност за време на кампањите. Другите институции, како што се Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) и Државниот завод за ревизија, се одговорни за надгледување на финансирањето на кампањите и користењето јавни средства во изборите.

Измените и дополнувањата на Законот за медиуми од 2025 година формално ја проширија законската дефиниција за медиуми така што овој термин ќе вклучува и онлајн-медиуми.

Правната рамка е зајакната со етички стандарди како што се Кодексот на новинарите на Македонија, Насоките за етичко известување на онлајн-медиумите и Кодексот на однесување во онлајн-просторот за време на изборни процеси и референдуми.

Во рамките на оваа регулаторна и институционална поставеност, новинарите имаат клучна улога во одржување на интегритетот на изборниот процес. Професионалното известување за изборите не подразбира само почитување на законските обврски, туку вклучува и активен придонес за правични и демократски избори. Ова опфаќа обезбедување еднаков пристап до медиумите за сите учесници во изборите, обезбедување точна покриеност во соодветен контекст и одразување на различноста на општеството, особено на недоволно застапените гласови. Уредувачката транспарентност, јасната разлика помеѓу платените и уредувачките содржини и ригорозната проверка на фактите се основни практики кои ја поткрепуваат довербата на јавноста и го поддржуваат учеството на граѓаните врз основа на информации.

Здруженијата на новинари и медиуми воведоа доброволни стандарди како што се Насоките за етичко известување на онлајн-медиумите. Покрај тоа, на иницијатива на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во соработка со Здружението на новинари на Македонија, со Македонскиот институт за медиуми, со Советот за етика во медиумите на Македонија, со Институтот за комуникациски студии и со Фондацијата „Метаморфозис“, се изготви Кодексот на однесување во онлајн-просторот за време на изборни процеси и референдуми.