Отпочнување на изборниот период
8 Совети
Темелно запознајте се со законските и етичките рамки со кои се регулира однесувањето на медиумите за време на избори. Ова подразбира познавање на институционалните надлежности, новинарските одговорности и професионалните стандарди кои обезбедуваат правично и непристрасно известување.
Воспоставете основни воведни рутини во редакцијата за да се подготвите за известување за изборите. Ова опфаќа преглед на изминатите практики, доделување клучни одговорности на припадниците на тимот, изработка на интерен водич за уредување и уверување дека персоналот ги разбира претстојните законски и етички барања од периодот на кампањата.
Обезбедете практична обука за вработените во редакциите фокусирана врз избегнување пристрасност, разликување на фактите од мислењата и одговорно опфаќање сензитивни теми како што се говорот на омраза и политичкиот притисок. Овие сесии можат да бидат кратки и неформални, како што се состанок на персоналот или брифинг за уредување на содржините, но треба да ги поткрепат конзистентните етички стандарди, особено во однос на тоа како да се формулираат контроверзните прашања, како да се одговори на притисокот од учесниците во политичкиот процес и како да се заштити кредибилитетот на медиумот за време на интензивни периоди од кампањата.
Составете опсежен и инклузивен список на извори и институции кои можат да послужат како дополнителен извор кој ќе го збогати вашето известување за изборите, како што се граѓански организации, набљудувачи на изборите, регулаторни тела, креатори на јавното мислење и лица од локалното опкружување кои ја имаат довербата од јавноста. Погрижете се проактивно да ги вклучите гласовите од недоволно застапените заедници, вклучувајќи ги жените, етничките малцинства и лицата со попреченост. Ова придонесува да се обезбеди плурализам во содржините, но и да се изгради доверба кај публика со поголем опфат.
Одржувајте редовна комуникација со Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) за време на предизборниот период. Овие организации можат да послужат како значајни ресурси за насоки при решавање на етичките дилеми и при сузбивање на притисокот од политичките или деловните интереси. Се препорачува новинарите и уредниците да ги разгледаат материјалите, препораките и советодавните мислења издадени од Советот за етика во медиумите на Македонија и од Здружението на новинари на Македонија. Воедно, редакциите се охрабруваат да соработуваат преку процесот на медијација на СЕММ кога е поднесена претставка во врска со нивното известување. Активното учество во ваквите процедури ја зајакнува транспарентноста и може да доведе до конструктивни резултати што ја зголемуваат довербата на јавноста. Учеството во нивните обуки, тркалезни маси или заложби за медијација исто така може да ја зајакне културата на етичка одговорност.
Навремено следете ја кампањата, како и јавните појавувања на политичарите, особено во периодот пред официјалниот почеток на кампањата. Ова вклучува инаугурации, јавни изјави на владини настани или институционално рекламирање во кое се појавуваат личности од политиката. Иако ваквите активности може да спаѓаат во доменот на службени должности, тие често се проследени со политички импликации и можат да создадат нејаснотии во однос на комуникацијата на државно ниво и промоцијата на кампањата. Новинарите треба да бидат внимателни при идентификување на овие настани и соодветното ставање во контекст, јасно информирајќи ја публиката кога појавувањата би можеле да се сметаат за предвремено започнување на кампањата.
Кога се следи спроведувањето на кампањата уште од самиот почеток, новинарите треба да ги земат предвид следниве прашања за да проценат дали некој настан или комуникација се совпаѓа со промовирањето на кампањата:
- Дали настанот се финансира со јавни средства или се одржува во државни простории?
- Дали официјалните симболи, владините постигнувања или националните проекти се презентирани така што се истакнува одреден учесник во политичкиот процес?
- Дали прекумерно се нагласува личната улога на функционерот, наместо на институционалните функции?
- Дали се користат партиски бои, слогани или промотивни визуелни елементи, дури и суптилно?
- Дали настанот е временски прилично блиску до распишувањето на изборите, што укажува на стратешка видливост?
- Дали содржините се навистина информативни и неопходни за јавен интерес или го претставуваат функционерот во позитивно светло пред кампањата?
- Дали на другите кандидати или засегнати страни им е дадена еднаква можност да коментираат или да учествуваат?
Новинарите треба внимателно да ги документираат овие елементи и јасно да ѝ ги прикажат на публиката за да помогнат во идентификувањето потенцијални практики за водење кампања во раните фази и да ја одржат транспарентноста.
Навремено и јасно едуцирајте ја јавноста за тоа како функционира изборниот процес, какви права имаат гласачите и кои се институционалните улоги на клучните тела, како што се Државната изборна комисија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Државната комисија за спречување на корупција. Многу граѓани можеби не се целосно свесни за временската рамка на изборите, како да потврдат дали се регистрирани или какви се процедурите за поднесување претставки. Новинарите можат да имаат суштинска улога во обезбедувањето услуги за јавноста со поедноставување на овие информации, со користење разбирливи изрази и појаснување за правилата, но и со нагласување на нивната важност. Користете мултимедијални формати, социјални медиуми и вклучете ја заедницата за да ангажирате аудиториум на различна возраст, групи кои говорат различни јазици и потекнуваат од различни образовни средини.
Дефинирајте ги внатрешните граници што ќе послужат како насока при одлучување во редакцијата во текот на целата кампања. Ова вклучува постапки за да се направи разлика помеѓу уредувачките содржини од рекламирањето, управување со ризиците од судир на интереси и разјаснување на начинот на којшто се одредува вклучувањето во дебати и рубрики.
Распишување избори
5 Совети
Јасно информирајте ја јавноста за временската рамка на изборите, за подобноста на гласачите, за процедурите за регистрација и за правата. Ова вклучува соопштување на клучните датуми, како што се роковите за регистрација на гласачите, почетокот и крајот на кампањата и почетокот на изборниот молк. Користете јасни и достапни формати, вклучувајќи визуелни материјали и повеќејазични содржини, за да се уверите дека овие информации ќе стигнат до сите граѓани, особено до оние во маргинализираните или оддалечените заедници.
Објаснете која е разликата помеѓу официјалната институционална комуникација и водењето политичка кампања. По распишување на изборите, станува особено важно да се идентификуваат и да се означат соопштенијата од јавните службеници или од институциите кои би можеле да се протолкуваат како промовирање на изборите. Новинарите треба да се запрашаат: дали оваа порака е информативна и неопходна или служи да се зголеми видливоста на кандидатот или партијата? Известувањето во конкретен контекст може да ѝ помогне на публиката да направи разлика помеѓу информациите во служба на јавноста и имплицитното водење кампања.
Подигнете ја свеста на јавноста и на уредниците за законските и финансиските граници со кои се регулира спроведувањето на кампањата. Новинарите имаат клучна улога кога станува збор за појаснување на правилата за заштита на правичноста на изборите, вклучувајќи ги ограничувањата за донации, ограничувањата за вклучување на трети лица и обврската за одвојување на државните ресурси од активностите на кампањата. Конкретно, истакнете ги одредбите од член 75 од Изборниот законик, кои им забрануваат на јавните службеници да користат институционална комуникација, владини настани или јавно финансирани платформи за добивање изборна предност додека трае кампањата.
Бидете проактивни кога утврдувате дали службените лица постапуваат надвор од овие граници, на пример, со промовирање постигнувања или инаугурирање проекти по распишувањето на изборите. Треба внимателно да се одреди контекстот при таквото известување, за да се избегне прекумерно неправично истакнување. Информирајте ја публиката за начинот на кој се следи финансирањето на кампањата и што претставува злоупотреба на јавни средства или административна предност.
Истакнете ја важноста на транспарентноста преку отворено соопштување на пристапот на вашиот медиум кон платеното политичко рекламирање. Освен исполнувањето на законските обврски според Изборниот законик, со објавување на вашата регистрација во Комисијата за хартии од вредност (КХВ) и изнесувањето на вашите цени за рекламирање се промовира правичност, јасност и одговорност во многу конкурентна средина. Јасното издвојување на платените содржини од уредничкиот материјал и примената на истите услови за сите учесници во политичкиот процес не само што обезбедува усогласеност, туку и испраќа јасен сигнал за посветеноста на вашата редакција на еднаков пристап и уредничка независност. Во контекст каде што јавната доверба е кревка, а политичките притисоци се вообичаени, проактивното споделување на овие информации помага да се спречат недоразбирања, да се одвратат обвинувањата за пристрасност и да се зајакне професионалниот кредибилитет на вашиот медиум.
Утврдете јасни граници помеѓу новинарството и политичкиот активизам преку воспоставување внатрешни правила за учеството на персоналот во изборните кампањи. Во согласност со член 76 од Изборниот законик, водителите, уредниците, новинарите и другиот персонал во етерот мора да ги прекинат своите медиумски должности доколку одлучат да поддржат или да учествуваат во политичка кампања. Редакциите треба јасно да го соопштат ова правило пред почетокот на кампањата и интерно да утврдат очекувања за да се спречи судир на интереси. Оваа заштитна мерка не е само законска обврска, туку е и камен-темелник на уредничкиот интегритет. Кога медиумските професионалци фаворизираат или застапуваат одреден учесник во политичкиот процес, тоа ја потиснува јавната доверба во неутралноста на известувањето.
Почеток на изборната кампања
8 Совети
Сите потврдени учесници во изборите треба да бидат соодветно опфатени при известувањето. Медиумите треба да обезбедат урамнотежена и инклузивна покриеност на сите регистрирани партии, коалиции и независни кандидати, без оглед на нивниот удел во политиката, популарност или финансиски ресурси. Иако еднаквоста не значи идентично време во етерот, таа изискува пропорционална застапеност и соодветно уредување на содржините. Ова вклучува правичен пристап кон интервјуа, дебати и сеопфатна покриеност. Обрнете особено внимание на новите учесници или на учесниците со помало влијание кои можеби се трудат да бидат забележани и покрај тоа што ги исполнуваат критериумите за кандидатура.
Применувајте конзистентни уредувачки стандарди за сите кандидати. Проверете ги фактите од предизборните ветувања, внимателно проучете ги изјавите и обезбедете контекст еднакво, без разлика дали e владејачката од партија, од опозиција или од независна страна. Избегнувајте двојни стандарди кога известувате за политички ставови, лични полемики или јавни настапи. Непристрасноста во тонот, визуелното прикажување и начинот на кој се претставува сторијата, се од суштинско значење за да се избегне ненамерна пристрасност.
Политичките соопштенија за медиумите, изјавите на социјалните медиуми и најавите за митинзи не смее да се објавуваат без проверка или додадена уредничка вредност. Новинарите треба да ги разгледаат политичките пораки и да ги стават во соодветен контекст, особено оние што содржат обвинувања, емоционални апели или неосновани тврдења. Медиумите треба да служат како филтер, а не како мегафон, за пропагандата на кампањата.
Уверете се дека секое платено политичко рекламирање е јасно означено, визуелно различно и никогаш не е интегрирано во формати на вести или мислења. Според Изборниот законик, таквата содржина мора да е јасно означена со името на нарачателот и не смее да се појавува за време на вести, програми за деца или при емитување културни, спортски или верски настани во живо. Означувањето треба да биде транспарентно за публиката да не се доведе во заблуда.
При изборот на кандидати кои треба да ги поканите на интервјуа, дебати или телевизиски соочувања, јасно дефинирајте ги и јавно откријте ги критериумите за уредување, без разлика дали се засновани врз претставување на партијата, јавен интерес или релевантност на прашањето. Дајте образложение доколку одредени кандидати не се вклучени, особено кога ресурсите го ограничуваат учеството. Ова гради доверба и ги намалува обвинувањата за пристрасност.
При модерирање дебати или водење интервјуа со кандидати:
- Подгответе стандардизирани прашања кои се фокусираат врз политиките за да обезбедите правичност.
- Одвојте еднакво време за говорење и поставете еднаков број дополнителни прашања за секој учесник.
- Доследно и со почит оспорете ги погрешните или двосмислените одговори.
- Бидете внимателни кога станува збор за родовата динамика и избегнувајте прекинувања или заштитнички изрази кои може да укажуваат на пристрасност.
- Јасно дефинирајте ги и јавно споделете ги критериумите за избор на дебати или покани за гостувања пред настанот.
- Воспоставете основни правила во врска со временските ограничувања, редоследот на излагање и однесувањето со почит за да се спречи доминација или неправична предност.
Проактивно повикувајте ги гласовите на жените, на младите, на етничките малцинства, на лицата со попреченост, на ЛГБТИ-лицата и на гласачите од руралните средини или на гласачите со ниски приходи. Покриеноста на кампањата треба да ја одразува различноста на електоратот, а не само на политичката елита. Изберете ги гостите во студиото и панел панел-дискусиите така што ќе бидат подеднакво еднакво застапени различни гости, од родов аспект или според нивните идеолошки ставови. Уверете се дека за време на целиот пренос се внимава на начинот на изразување и на етничката застапеност.
Во согласност со член 75 од Изборниот законик, јавните службеници не смеат да добиваат привилегирана покриеност за извршување на службените должности за време на кампањата. Бидете особено внимателни кога станува збор за јавни настани или за владини соопштенија кои можат да имаат двојна намена како промоција на кампањата. Новинарите треба јасно да направат разлика помеѓу вестите од институциите и пораките на кампањата и да побараат одговорност од службените лица за користење то јавни платформи за придобивки на изборите.
Дигиталното опкружување може да придонесе за почеста појава на политички дезинформации, говор на омраза и пристрасност која произлегува од работата на алгоритмите. Медиумите треба да ги следат трендовите и наративите на социјалните медиуми, да ги проверуваат виралните содржини пред да известуваат и да избегнуваат примена на манипулативни изрази или визуелни елементи. Користете алатки за дигитална проверка кога е можно тоа и избегнувајте репродукција на погрешни тврдења, дури и кога тие потекнуваат од учесници во политичкиот процес.
Изборен молк
6 Совети
Отстранете ги сите содржини во врска со кампањата во вестите, коментарите и рекламите. За време на изборниот молк, медиумите не смеат да објавуваат или емитуваат никаков материјал од кампањата, вклучувајќи профили на кандидати, политички коментари, спонзорирана содржина или институционални пораки што би можеле да влијаат врз мислењето на гласачите. Ова се однесува подеднакво и на традиционалните и на онлајн платформите. Бидете особено внимателни со автоматски објави, банери, објави со предодредено објавување или повторно употребени материјали од почетокот на кампањата кои би можеле да го прекршат правилото за молк.
Порталите на интернет и радиодифузерите мора активно да ги следат коментарите на корисниците, форумите и објавите на социјалните медиуми што се под нивна контрола. Иако спонтаната активност на корисниците не е незаконска, платформата сноси законска одговорност доколку дозволи понатамошно непочитување на изборниот молк. Редакциите треба привремено да ги оневозможат или однапред да ги модерираат деловите за јавни коментари за време на периодот на молк и да ја отстранат секоја содржина што би можела да се смета за дел од кампањата.
При уредување на содржините, пренасочете го фокусот на новинарството каде што приоритет се јавните интереси и информирањето на граѓаните. Информирајте ги гласачите за логистиката – работното време на гласачките места, барањата за идентификација, правото на глас и процедурите за претставки. Ова истовремено претставува можност да се истакне важноста на излезноста на гласачите, демократското учество и мирните избори без засилување на политичките наративи.
За време на изборниот молк, медиумите можат да се фокусираат на содржини кои ги информираат и охрабруваат гласачите без да влијаат на нивните избори. Можните теми вклучуваат:
- Историски трендови во излезноста на гласачите, разлики во регионалното учество и зошто гласањето е важно за развојот на заедницата.
- Јасни појаснувања за тоа како се структурирани гласачките ливчиња, како се бројат гласовите и како се проверуваат и објавуваат конечните резултати.
- Профили на изборни работници, набљудувачи, волонтери и луѓе кои работат во позадина за да обезбедат правични и безбедни избори.
- Успешни стории за локални граѓански иницијативи или заложби на локално ниво кои ја зајакнале демократската култура и инспирирале ангажман на заедницата.
- Едукативни текстови за демократските права и одговорности, вклучително и она што ги прави изборите кредибилни и слободни.
- Кратки стории во интерес на луѓето за гласачите кои гласаат за првпат или гласачи од маргинализирани групи кои споделуваат зошто учествуваат.
Покриеност на практичната логистика за гласање: како лицата со попреченост да пристапат до гласачките места, што да направат доколку се соочат со проблеми на денот на изборите или со кого да стапат во контакт кога имаат поплаки.
Избегнувајте симболични референци, бои, слогани или слики кои може да се однесуваат на конкретни партии или кандидати. Дури и без експлицитни пораки, визуелните елементи можат да имаат политичка конотација. Насловите, видеоснимките и графиките на социјалните медиуми треба внимателно да се прегледаат за да се обезбеди неутралност.
Направете заеднички список за проверка за она што е дозволено, а што не е дозволено за време на молкот. Назначете квалификуван уредник или координатор за да ги прегледа сите објавени содржини, особено објавите во последен момент или најновите објави во живо.
Прекршувањата на изборниот молк може да доведат до санкции согласно Изборниот законик. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го следи правилното работење на медиумите во текот на целиот период на молк. Предвремено подгответе се за да обезбедите правилно работење во вашите редакциски, рекламни и технички оддели.
Ден на изборите и пребројување на гласовите
8 Совети
No political content, including comments, images or slogans, is permitted to be published or broadcast until the polls have closed. This prohibition includes exit polls, predictions and indirect campaign messages, even those shared by third parties on media platforms. Content management staff must closely monitor all content across broadcast, print and digital media to avoid accidental violations.
Фокусирајте се на граѓанското новинарство: јасно соопштете го работното време на гласачките места, потребната документација, правата на глас за лицата со попреченост, процедурите за поднесување претставки и опциите за гласачите кои се соочуваат со нерегуларности. Користете официјални извори, првенствено Државната изборна комисија (ДИК), а содржините треба да се достапни преку визуелни формати, едноставни изрази и известување на повеќе јазици.
Пристапете кон известувањето на денот на изборите со неутралност и смиреност, избегнувајќи шпекулации или изнесување на информациите со цел да се предизвикаат некакви емоции. Избегнувајте сензационалистички наслови и претерано известување за инциденти. Доколку дојде до појава на нерегуларности, тензии или технички проблеми, проверете ги фактите пред да известувате. Користете изјави од изборни тела или верификувани набљудувачи и спротивставете се на притисокот да „објавите“ непотврдени стории. Ова е особено важно во заедниците со ниско ниво на доверба кај гласачите.
Новинарите кои се назначени на местата за гласање мора да бидат јасно идентификувани и мора да ги почитуваат сите изборни правила. Не фотографирајте и не снимајте во избирачките места освен кога тоа е дозволено. Секогаш штитете ја приватноста на гласачите и тајноста на гласањето. Координирајте се со службениците кои работат на изборите за да се уверите дека новинарските активности не го попречуваат процесот на гласање.
Според Изборниот законик, забрането е објавување на резултати од анкети на јавното мислење или проекции на гласачите пред 19:00 часот на денот на изборите. Излезните анкети од гласачките места или раните прогнози не смеат да се споделуваат во никаква форма, вклучително и графички прикази или наслови, сè додека гласачките места не бидат официјално затворени низ целата земја.
Откако ќе се затворат гласачките места, бидете внимателни при изнесувањето на податоци од партиските штабови, неофицијални пребројувања или брзи пребројувања од страна на набљудувачите. Секогаш наведувајте дали резултатите се прелиминарни или потврдени од ДИК. Погрешното означување на резултатите може да ја доведе јавноста во заблуда, да ја потисне довербата во институциите или да создаде тензии меѓу учесниците во политичкиот процес и поддржувачите.
Како што ќе се соопштуваат резултатите, проширете ја покриеноста така што ќе опфатите повеќе информации, а не само кои се победниците од секоја партија. Интервјуирајте ги набљудувачите од граѓанското општество, претставниците на маргинализираните заедници и обичните гласачи за да добиете поцелосна слика за влијанието на изборите. Истакнете ја излезноста на гласачите, достапноста на гласачките ливчиња и поуките за демократско учество – не само партиската конкуренција.
Часовите по затворањето на гласачките места се меѓу најинтензивните од аспект на политички влијанија. Новинарите може да се соочат со притисок од учесниците во политичкиот процес во однос на позитивно формулирање на наративите или игнорирање на неправилностите. Медиумите мора да останат независни, да се придржуваат кон професионалните стандарди и да се засноваат на проверени извори. Користете ги вашите политики за уредување како штит за одбрана на етичкото известување.
Занимливи содржини за публиката
8 Совети
Опфатете многу повеќе информации, а не само секојдневни настани од кампањата. Користете материјали за појаснување, прашања и одговори и визуелни формати за да разјасните како функционира изборниот систем, кои се праговите за гласање, како се распределуваат пратеничките места и која е улогата на секоја поединечна институција. Граѓаните, особено оние кои гласаат за првпат или маргинализираните групи, имаат корист од информативни содржини кои го разјаснуваат процесот и поттикнуваат учество.
Претставете ја политиката од перспектива на граѓаните. Објавете стории од реалниот живот за тоа како резултатите од изборите влијаат врз секојдневниот живот, вработувањето, образованието, здравството и локалниот развој. Прикажете како конкретните предлози од учесниците во политичкиот процес влијаат врз обичните луѓе, а не само врз елитните наративи. Ова придонесува подобро да се разберат изборите и го намалува цинизмот кон политиката.
Користете анкети, прашања и одговори на социјалните медиуми и отворени повици за поставување прашања за активно учество на јавноста во обликувањето на вашето известување. Повикајте ги граѓаните да ги изнесат своите загрижености и приоритети и овозможете им на недоволно застапените гласови да бидат слушнати. Учеството на публиката во одлуките за уредување на содржините ги зголемува довербата и релевантноста.
Различните формати достигнуваат до различни публики. Користете графички прикази на информации, видеа, аудио појаснувања и кратки објави на платформи како што се Фејсбук и Инстаграм за да го проширите вашиот опфат, особено меѓу помладите гласачи. Користете титлови, толкување на знаковен јазик и јазици на малцинствата секогаш кога тоа е можно. Јасниот и едноставен јазик треба да биде правило, а не исклучок, во известувањето за изборите.
Размислете за експериментирање со дополнителни креативни и визуелни формати за поефикасно учество на публиката:
- Интерактивни хронолошки прикази на клучни настани од кампањата и посети на кандидатите.
- Графички прикази на информации каде што паралелно еднододруго се споредуваат партиски платформи, главни ветувања или политички позиции.
- Визуелни прикази „Мит наспроти факт“ како помагало во борбата против вообичаените дезинформации или недоразбирања во врска со изборите.
- Прашања поставени од публиката кои се прикажани во сесии со прашања и одговори во живо на социјалните медиуми, кратки објаснувања во форма на видео или аудио стории.
- Мапи на кои се истакнати прашањата во врска со регионалните избори, местата со најголема поддршка за кандидатите или прашањата што ја загрижуваат заедницата.
- Кратки микро-документарци или стории преку слики кои го прикажуваат влијанието на политичките одлуки врз секојдневниот живот, особено во маргинализираните заедници.
Следете кои стории од изборите привлекуваат најмногу внимание или прашања и користете ги овие повратни информации за да ја прилагодите вашата содржина. Доколку се зголеми интензитетот на дезинформациите или недоразбирањата на интернет, одговорете со потврдени факти и контекст. Размислете за објавување на дополнителни објаснувања, исправки или објави во насока на сузбивање на митови за да разјасните сложени или спорни теми.
Погрижете се за подеднаква застапеност на гостите за време на панел-дискусиите во студио и интервјуата во однос на полот, етничката припадност, политичката припадност и генерацијата. Избегнувајте постојано гостување само на партиски лидери или познати коментатори. Вклучете граѓани, експерти, наставници, студенти, земјоделци, работници и гласачи од различни сфери на животот. Ова ја отсликува сложеноста на општеството и го прави политичкиот дискурс побогат и поткрепен со најразлични гледишта и искуства.
Бидете транспарентни во врска со тоа како се донесуваат вашите одлуки за известување. Публиката треба да знае како ги избирате темите, ги потврдувате тврдењата и управувате со политичкото рекламирање. Јасното означување на спонзорирани содржини и нивното разликување од уредничкиот материјал ја поттикнува довербата. Објавете ги вашите уреднички стандарди јавно, на вашиот веб-сајт или во програмата, за да покажете посветеност на правичноста и професионализамот.
Избегнувајте ја стапицата на испраќање новинари кои немаат познавања или на непознати места за поинтензивно известување само за време на изборите. Искористете го изборниот период како можност за градење на долгорочни односи со публиката покажувајќи доследност, отвореност за повратни информации и почитување на различните ставови. Довербата е најмоќниот капитал што секој медиум може да го заработи и во него мора да се инвестира со секоја содржина.